Владата на Република Северна Македонија на 118 седница одржана на 9.11.2021 година ја донесе Уредбата за мрежни услуги. Со оваа уредба се утврдува воспоставувањето и одржувањето на мрежните услуги за откривање, преглед, преземање, трансформација, повикување и достапност на услугите на просторни податоци, како во националната инфраструктура на просторни податоци, така и кај трети страни.

Во Уредбата за мрежни услуги се вклучени Регулативата на Комисијата (ЕК) бр. 976/2009 од 19 октомври 2009 година, која се однесува на спроведувањето на Директивата 2007/2/ЕК на Европскиот парламент и на нејзиниот Совет, во однос на мрежните услуги (CELEX бр.32009R0976), како и Регулативата на Комисијата (ЕУ) бр. 1088/2010 од 23 ноември 2010 година за изменување и дополнување на Регулативата бр. 976/2009 во врска со услугите за преземање и услугите за трансформација (CELEX бр. 32010R1088).

Усвојувањето на Уредбата за мрежни услуги е во согласност со програмата на Националната инфраструктура на просторните податоци за 2021 година и таа ќе придонесе кон понатамошна хармонизација на националното со европското законодавство. Со донесувањето на оваа Уредба се создава правна рамка за креирање, публикување и пристапување до веб услугите за збирките на просторни податоци на НИПП геопорталот.

Уредбата за мрежни услуги е објавена во Службен весник број 252/2021 и може да се преземе на следниот линк.