Во организација на Агенцијата за катастар на недвижности, одделот за НИПП, а во рамките на проектот „Соработка за дигитална демократија“, на 1 декември 2021 година, беше одржана работилни-цата насловена како „Бизнис модел-почетни активности”. На работилницата беа поканети и присуствуваа НИПП субјектите.

Беше презентирана нацрт верзијата на бизнис моделот, кој би требало во иднина да биде усвоен и да биде македонски НИПП бизнис модел. Детално беа елаборирани сите ставки во програмата во која ќе се внесуваат податоците, како што се темите на збирки на просторни податоци кои се дефинирани во Законот за НИПП, во членот 5, потоа името на податокот и името на Субјектот кој го поседува. Важни прашања поместени во документот беа и тоа дали корисникот мора формално да ги побара податоците и дали е потребен надоместок за бараните податоци. Понатаму, за каков податок се работи, отворен или затоврен и дали се применуваат ограничувања во податокот.

Потоа, беа презентирани КК (Creative Commons) лиценците, кои се авторско-правни лиценци што на авторите им овозможуваат да ги постават правата кои ќе ги задржат, или од кои ќе се откажат. Имателите на збирки на просторни податоци најчесто ги задржуваат своите авторски права. Но, со КК лиценците се регулира оваа проблематика. Затоа, постојат неколку видови лиценци, а секоја се разликува според условите за дистрибуција. Исто така, како што беше потенцирано, секоја лиценца е со важност ширум светот и со оглед на тоа дека се темелат на авторските права, валидни се сè додека важи тоа авторско или сродно право.

Во врска со овие теми, се разви дискусија на присутните на денешната обука, кои даваа свои примери од секојдневното работење, но и се интересираа како точно ќе се одвива овој процес, пред сè затоа што сите Субјекти на НИПП се иматели на збирки на просторни податоци кои треба да бидат внесени во бизнис табелата.